03.07.2022 Скопје
Премиерот Димитар Ковачевски преку објава на фејсбук профилот напиша дека Владините претставници продолжуваат со консултации и информирање на најважните чинители и јавноста за последниот европски модифициран предлог кој што го дадоа од француското претседателство со ЕУ.
Во напишаниот статус на Ковачевски стои и дека е закажана и седница на Советот за безбедност, по чие завршување претседателот Стево Пендаровски официјално ќе го соопшти својот став за францускиот предлог.
Ковачевски преку објавата ги демантираше и шпекулациите во врска со предлогот од Франција и порача дека македонскиот јазик ќе биде официјален јазик на Европската Унија, без никакви фусноти и дополнувања. Воедно, додаде и дека меѓувладината конференција и скринингот се првите чекори од преговарачкиот процес и кај сите земји членки траеше во просек околу 12 месеци, до тогаш би било потребно да бидат внесени трите нови етнички заедници во нашиот Устав.
Додека пак, Османи изјави дека прашањето на македонскиот јазик е решено и дека треба да се тргнат сите лаги поврзани со него.
Бугарија пак тврди дека својот став ќе го искаже во изјава, согласно Португалскиот предлог, односно дека македонскиот јазик не постоел до 1945 година и дека бил еден од нивните дијалекти.
Според Министерството за надворешни работи ова тврдење не влегува во ниту еден документ од предлогот.
Министерот за надворешни работи смета дека предлогот од Франција е добар и ни го отвара патот за влез во ЕУ, наспроти ова стои ставот на владините претставници, опозициските партии, но и други партии, експерти и јавни личности кои сметаат дека предлогот не треба да биде прифатен.
Подготвено од М.Н.