15.07.2022 Скопје
Во утрешниот ден во 11 часот ќе продолжи расправата по Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија.
Според списокот на пријавени пратеници, останаа само уште тројца кои имаат право на збор, по што Собранието ќе треба да одлучува за содржината на предлог рамката.
Во собраниската сала и вечерва атмосферата беше проследена со прозивки и обвинувања од страна на опозициските партии и барање за отфрлување на овој предлог, кој според нив води кон директна асимилација на македонскиот народ.
Од опозицијата им се обратија на пратениците од власта и им кажаа дека пред Собранието имаа толпа од народ, загрижени граѓани за нивната иднина, со што им истакнаа дека сите тие граѓани им укажуваат да се освестат и да не го прифаќаат предлогот, затоа што после нивната одлука никогаш нема да ја вратат државата. Исто така ги посоветуваа да седнат и добро да прочитаат, да донесат правилна одлука, во спротивно ќе докажат дека не им е гајле, ни за јазикот, ни за идентитетот, ниту пак за историјата.
Дебатата по Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка за старт на пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија почна вчера во Собранието на Република Северна Македонија.
Подготвено од М.Н.