14.07.2022 Скопје
На денешната средба на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, тема на разговор беа актуелните политички состојби и процесите поврзани со европските интеграци.
Од кабинетот на претседателот Пендаровски информираат дека претседателката на Европската Комисија потврдила дека со првата Меѓувладина конференција, којашто треба да се одржи во скоро време, доколку биде прифатен предлогот за преговарачката рамка, започнуваат конкретните преговори и веднаш ќе започне скрининг процесот.
Претседателот Пендаровски потенцираше дека македонскиот јазик и идентитет мора да бидат почитувани и гарантирани од страна на Европската Унија, и го реафирмираше ставот дека прифаќањето на предлогот ќе овозможи деблокада на евроинтеграциите, што ќе претставува позитивен импулс за реформскиот процес и напредок на Република Северна Македонија.
Подготвено од М.Н.