31.07.2022 Скопје
Премиерот Димитар Ковачевски со високи државни почести пред платото на Владата на Северна Македонија го пречека премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез Перез-Кастехон.
Премиерот Ковачевски и премиерот Санчез одржаа тет-а-тет средба, по која шпанскиот премиер изјави дека Северна Македонија е во Европа – како географски, така и историски, со што истакна дека Северна Македонија може да се потпре на поддршката од Шпанија за следните чекори за членство во ЕУ.
Посетата на државава е дел од турнејата на Санчез низ земјите од Западен Балкан, што ги вклучува и Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија. Со овие посети, Санчез има намера да ја покаже важноста што Шпанија ја придава на билатералните политички, економски и културни односи со државите од Западен Балкан, како и поддршка за напорите што ги преземаат да бидат дел од Европската Унија.
Шпанскиот премиер Санчез, во петокот од Белград, истакна дека Западен Балкан не смее да се заборави и дека војната е причина за да се почне да се размислува за тоа што е Европа и кои сме ние Европејците.
Подготвено од А.Ѓ.