15.07.2022 Скопје
Започна продолжението на седницата во закажаното време во 11 часот во Собранието на Република Северна Македонија, на која се води расправа за преговарачката рамка врз база на францускиот предлог.
За збор се пријавени вкупно 42 пратеници, седницата започна со пратеничката Марија Петрушевска која остро ја нападна Владата и ги запраша каде мислад дека ќе им оди душата за обидите да ја бугаризираат Северна Македонија. На крајот од говорот го искина документот базиран на предлогот од Франција.
Дискусиите продолжуваат исто како и вчера, тишина кога дискутираат пратениците од опозицијата, а вувузели и свирчиња за време на репликите од владеачката партија.
Вчера во Собранието започна дебатата по информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за старт на пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, со обраќање на премиерот Димитар Ковачевски, а обраќање имаше и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, со заедничка изразена надеж дека предлогот ќе биде прифатен.
Лидерот на опозицијата на прес-конференција изјави дека има три дилеми од обраќањето на Урсула фон дер Лајен. Првата дилема е дали преговорите ќе почнат веднаш со одржувањето на Меѓувладината конференција, или по промената на Уставот. Додека пак, втората е прашањето за историјата и третата дилема е во однос на членот 3 во воведената изјава, каде стои дека преговарачката рамка ќе биде преведена на македонски јазик, но бугарската страна ќе даде еднострана изјава како таа го гледа македонскиот јазик.
Подготвено од М.Н.