30.07.2022 Скопје
По повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, претседателот Стево Пендаровски ќе предводи државно-црковна делегација во посета на манастирот „Св. Прохор Пчински“.
Во манастирот „Св. Прохор Пчински“ е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), на 2 август 1944 година.
Преседател Стево Пендаровски остварил телефонски разговор со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и со поглаварот на Српската православна црква, патријархот г.г. Порфириј. Во разговорот со г.г. Порфириј, Пендаровски се заблагодарил за позитивниот одговор од страна на патријархот, за оваа посета на манастирот да се оствари. Воедно, во телефонскиот разговор со српскиот претседател Вучиќ, двајцата претседатели се согласиле дека релацијата меѓу двете држави бележи одличен развој во повеќе области.
Со прифаќањето на автокефалноста на МПЦ-ОА од страна на СПЦ, посетата на манастирот, која се случува по речиси две децении е позитивен импулс за отворање на нови поглавја во меѓусебните релации.
Подготвено од А.Ѓ.