31.07.2022 Скопје
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, соопшти дека новиот Закон за буџети е р’бетот на СМАРТ-системот на јавни финансии, со што среднорочното проектирање и буџетирање, интегрираниот информатички систем за финансиско управување ИФМИС, како и воведувањето Фискален совет и фискални правила и принципи, се главните реформи предвидени во новиот реформски Закон за буџети.
Новиот Закон за буџети има механизми и за подобро планирање и спроведување на капиталните проекти. Како дел од процесот на подготовка на буџетот, буџетските корисници ќе треба да достават пред-физибилити или физибилити студија до Министерството за финансии за сите нови предлози за големи инвестиции, каде ќе се основа организациона единица за оцена на инвестициите (Public Investment Management assessment). Исто така, во Законот за буџети се дефинираат и фискалните правила, буџетскиот дефицит на ниво до 3% од бруто домашниот производ, додека јавниот долг на ниво од 60%, кој всушност според нова методологија се смета за долг на општа власт, додека пак гарантираниот долг за јавните претпријатија и други институции од јавниот сектор кои не се буџетски корисници се ограничува до 15% од бруто домашниот производ, а се уредува и воведувањето на Фискалниот совет.
Главната цел на современиот Интегригран информациски систем за управување со финансии е подобрување на ефикасноста и транспарентноста на работењето преку поврзување на постојните фрагментирани системи, на централизирана веб-базирана платформа, преку придобивките на најновите дигитални технологии.
Новиот Закон за буџети е предвидено да почне со примена од почетокот на 2023 година.
Подготвено од А.Ѓ.