22.07.2022 Скопје
На прес-конференција, министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека годинава ќе ја имаме најтешката зима и ситуацијата е многу тешка и непредвидлива, не зависи само од Северна Македонија и од земјите во регионот, туку зависи од тоа како ќе се одвива војната во Украина. Министерот додаде и дека во август повторно ќе побара прогласување на кризна состојба во електроенергетскиот сектор со цел да има можност преку дополнителни мерки да се интервенира во зголемување на производството на електричната енергија од домашните капацитети.
Во однос на снабдувањето со гас за престојната грејна сезона, министерот кажа дека се прават напори да има алтернативни извори за снабдување со оглед на тоа што Северна Македонија е целосно зависна од рускиот гас.
Министерот Бектеши информираше дека од страна на Европската банка за обнова и развој, во текот на вчерашниот ден, се обезбедени 100 милиони евра за да може во текот на годината да се купува електрична енергија, доколку има недостаток од истата. Воедно, информираше дека Министерството за финансии подготвува нов пакет на мерки, кои би започнале да се применуваат во септември и ќе важат до крајот на годината, а ќе бидат наменети за најранливите категории на граѓани, мерките ќе бидат таргетирани според можностите кои ги има државата. Освен електрична енергија, ќе се купува и јаглен, но и мазут.
Подготвено од М.Н.