31.07.2022 Скопје
На Светското младинско првенство, што се одржува во Скопје, избраничките на селекторот Љубомир Савевски ја забележаа втората победа. По триумфот на Узбекистан со 39:30, македонската репрезентација на едно коло пред крајот обезбеди пласман во следната фаза на Мундијалот.
Македонската репрезентација лошо го отвори мечот и очајната игра во одбраната и слабата реализација во нападот придонесоа репрезентацијата на Узбекистан да поведе предност се до 29-тата минута, кога со погодокот на Марија Јанкуловска стигнавме до првото водство од 19:18, а на одмор заминавме со предност од еден поен. Додека пак, во продолжението од натпреварот нашата селекција се подобри и со серија од 5:1 поведовме со 25:20, со што како одминуваше времето предноста ја зголмувавме и во еден момент стигнавме до двоцифрено водство, за на крајот да забележиме победа.
Бојана Коцева со девет гола беше најефикасна во македонската репрезентација, со што таа беше клучниот играч за пресвртот и кршењето на отпорот на противникот.
Голманките Матеа Чурлиновска и Марија Јовановска комбинирано забележаа само девет интервенции.
Подготвено од А.Ѓ.