https://www.flickr.com/photos/195470460@N04/52102720840/in/photolist-2no94F7-2nv7YrT-WJiL3U-DBVHAz-E3sjiW-DLhLvy-DmRDN1-2no7wFm-2nv1Vip-fmHcv1-DQCbzH-2iLYt87-D1Gp8m-DqgT7y-DJHc63-wWHoez-2nnrQnr-E7QN7c-Dj5kdy-2kpgbrp-a77kdY-Erb3E7-P8zhV-2kpbDSc-DRvTCL-D7KgBp-DoxvBp-2nnSq7Q-qMsmR2-DcLNc9-6wVix1-Fk1KBE-2kpbz8c-p4buh1-DitfSJ-8nqBUz-8ntLvq-E1BSa5-8nqCPi-7U2QKZ-DVC9H7-8nqBw8-4iCdfc-CGQ281-2nqr7he-5n5qo8-2nA3U8F-2kpfQ1E-2kpfhQN-bygvY6

02.07.2022 Скопје

Мајмунските сипаници се предизвикани од истоимениот „вирус на мајмунски сипаници“ и се вирусна зоонозна болест која се јавува првенствено во областите на тропските прашуми во Централна и Западна Африка, а повремено се пренесува и во други региони. Вирусот на мајмунски сипаници наликува на големи сипаници и се пренесува од едно на друго лице преку близок контакт со оштетена кожа, слузокожа, телесни течности, респираторни капки и контаминирани материјали, како што е постелнината.

Болеста се манифестира со зголемена телесна температура, главоболка, треска, исцрпеност, замор, болки во мускулите и грбот, отекување на лимфните јазли и осип што личи на оној што се јавува кај варичела. Вакцините, користени за време на програмата за искоренување на големите сипаници, обезбедуваат заштита и од мајмунски сипаници. Исто така, развиени се и понови вакцини, од кои една е одобрена за превенција од мајмунските сипаници, а и антивирусно средство кое е развиено за третман на големите сипаници е лиценцирано и за третман на мајмунските сипаници.

Мајмунските сипаници повремено се појавувале надвор од Африка, најчесто кај патници што се заразиле во Африка и кај лица што биле во близок контакт со нив. Во САД, во 2003 година е забележана епидемија на мајмунски сипаници меѓу деца и млади луѓе, што се заразиле преку контакт со прериски кучиња – глодар, кои биле заразени од глодари увезени од Гана.

Во Велика Британија, оваа година, откриени се четири случаи на мајмунски сипаници, од кои еден е импортиран од Африка, а другите не, исто така, и во Португалија, Шпанија и Италија се потврдени неколку случаи. Поголемиот процент заболени се мажи.

Обично мајмунските сипаници се самоограничувачка болест, со симптоми кои траат од 2 до 4 недели. Може да се манифестираат и со тешка клиничка форма, а во последно време, смртноста е околу 3-6%.

Разликата помеѓу големите сипаници и мајмунските сипаници е тоа што големите сипаници биле антропоноза, односно човекот бил единствениот домаќин и резервоар на вирусот, додека пак, кај мајмунските сипаници природен домаќин и резервоар на вирусот се дивите животни.

Подготвено од М.Н.

About Author