Photo by form PxHere

30.07.2022 Скопје

По примерот на претходната министерка Шахпаска, моменталната министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, ја задржа постојаноста во негрижата за лицата со попреченост. Наместо суштинско решавање на реалните проблеми на лицата со попреченост, преку добро осмислена ПР кампања ги убедува овие лица дека со предложените законски измени кои се веќе во собраниска процедура и со кои се бара зголемување од 35 отсо на сите додатоци на лицата со попреченост, значително ќе се подобри нивниот статус.

Од партијата Левица излегоа со соопштение дека не само што Министерството за труд и социјална политика во меѓувреме ги нема остварено ветувањата и воопшто немаат покажано слух и волја за решавање на проблемите на лицата со попреченост, туку според Левица и народните избраници предводени од две коалиции не сакале да ги поддржат законските измени, кои ги имаат предложено пратениците на Левица за двојно зголемување на посебниот детски додаток, кој моментално изнесува пет илјади денари. Исто така, во соопштението стои и дека по точно една година откако поранешната министерка за труд и социјална политика Шахпаска им ветила на лицата со попреченост остварување и зголемување на нивните права, ветувањата се останати само ветувања.

Во соопштението на Левица се додава дека нивните советници за само десет месеци од завршувањето на локалните избори преку низа иницијативи и амандмани во општините, до сега имаат издејствувано повеќе мерки за лицата со попреченост и другите социјални категории, од колку Министерството за труд и социјална политика. Воедно, тие се сомневаат дека предложеното зголемување на паричните додатоци на лицата со попреченост, кое ќе се движи од околу 1 000 до 2500 денари, ќе им биде доволно за задоволување на основните потреби на овие лица во момент кога Македонија се соочува со огромна инфлација и драстичен скок на цените на сите производи и услуги.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author