15.07.2022 Скопје
Вицепремиерот Бојан Маричиќ изјави дека македонскиот јазик со овој предлог станува еден од идните официјални јазици на ЕУ, со што успеале да го заштитат јазикот како и што ветиле на самиот почеток, со што граѓаните нема зошто да се грижат. Воедно, додаде дека Македонија добила предлог кој ги исполнува сите наши приговори и затоа смета дека вреди сериозно да биде разгледан.
Маричиќ смета и дека сите лажни вести, дезинформации од опозицијата кои паѓаат во вода, само предизвикуваат страв, несигурност и емоции кај граѓаните, што е и природно затоа што станува збор за национални прашања. Исто така, додаде и дека најважно им било зачувувањето на националните интереси на Македонија, чиста формулација на македонскиот јазик, без никакви фусноти, ѕвездичка или објаснувања, а тоа и го добиле.
Вицепремиерот, исто така, изјави дека факт е дека европскиот пат на Македонија е трнлив и полн со предизвици, но според него мора да се донесат храбри лидерски одлуки.
Маричиќ истакна дека според последните анкети, граѓаните се уште се за членство во ЕУ, Унијата ја сметаат за кредибилен партнер на Македонија и се надева дека ќе се оствари конечно сонот.
Подготвено од М.Н.