22.07.2022 Скопје
Откако фирмите почнаа да закрепнуваат од шокот што го предизвика пандемијата Ковид-19, дојде нов удар со економски последици, односно со почеток на воениот конфликт меѓу Русија и Украина. Новите ризици и зголемената неизвесност ги ставаат под притисок прекуграничните текови и трговијата.
Се прават анализи, како фирмите во регионот го издржаа остриот пад предизвикан од пандемијата и колку се подготвени да се соочат со идните предизвици, како раст на цените на производите, на енергенсите, зголемена инфлација, а слаба куповна моќ. Имајќи го во предвид сето ова, како и важната улога на даночната политика, Стопанската комора укажува на потребата во наредниот период, да не се менува даночната политика, да не се зголемуваат даночните стапки и да не се менува начинот на оданочување.
Фиксниот курс на денарот, кој подолг период го одржува Народната банка е засега на стабилно ниво. Растот на инфлацијата во моментот е глобален феномен, дел од централните банки пристапија кон постепено зголемување на основните каматни стапки.
Европската централна банка ги зголеми каматните стапки за 0,5 п.п., како и дополнително зголемување во септември, а веројатно ќе продолжи и понатаму. Слични чекори превземаат и централните банки на останатите развиени економии, како и на економиите во развој, вклучително и нашата држава.
Со оглед на силниот притисок врз цените кој доаѓа од факторите на страната на понудата под влијание на војната во Украина и економските санкции кон Русија, како две значајни економии на светските пазари на храна и енергија, инфлацијата ќе биде вон контрола на централните банки.
Подготвено од М.Н.