09.07.2022 Скопје
Францускиот амбасадор во Република Северна Македонија, Сирил Бомгартнер, изјави дека преговорите за постигнување на компромисниот предлог за кревање на бугарското вето за почеток на преговорите на Северна Македонија за членство во Унијата морале да се водат во тајност за да бидат ефикасни. Амбасадорот, исто така, смета дека не можело да биде поинаку, бидејќи дипломатскиот принцип на преговарање наметнува дека за да биде ефикасна секоја одлука, треба да бидат вклучени многу мал број на луѓе и генералните преговори да се водат во тајност.
Амбасадорот не сакаше да навлегува во детали на содржината од договорот, но нагласи дека има еден документ кој е над сите, а тоа е Преговарачката рамка и додаде дека договорот е компромисен, бидејќи за тоа говори и фактот што тој предизвикал незадоволство и кај другата страна.
За отпорот што се јави во македонската јавност за францускиот предлог, амбасадорот Бомгартнер вели дека е разбирлив со оглед на тоа што станува збор за мошне чувствителни теми. Во врска со тоа што францускиот претседател Емануел Макрон неколку пати употреби термин „Северномакедонци“ во неколку дена, францускиот амбасадор рече дека веќе неколку пати било објаснето дека станува збор за грешка на претседателот.
Подготвено од М.Н.