02.06.2022 Скопје
Пандемијата на Ковид – 19 и војната во Украина предизвикаа голема економска криза, како во регионот, така и во целиот свет.
Кризата најмногу се одразува на цената на струјата, горивата и гасот, но граѓаните во Северна Македонија од вчера се соочија и со нов ценовен шок, откако Владата не ги продолжи превентивните мерки, со кои беа ограничени маржите и ДДВ – то, а цените на некои основни продукти веднаш беа покачени.
Како во Македонија, така и во регионот се бележи зголемување на цените, освен во случаи каде што на сила се уште се превентивни мерки и тие се замрзнати.
Моментално во Македонија, во однос на Босна и Херцеговина и Србија, при споредба на цените на основните продукти, може да се забележи дека имаме речиси најскапо масло за јадење, но најевтино гориво.
Сепак, според статистичките податоци, просечната плата во Македонија е најниска во однос на Србија, каде просечната плата во месец март е 636 евра, додека пак во БиХ е 558 евра, со што просечната плата која во Македонија изнесува 505 евра уште во старт бележи дека граѓаните во Македонија се посиромашни за околу 130 евра споредено со двете држави.
Цените на месото, брашното и маслото за јадење во Србија се замрзнати на нивото од 15 ноември 2021 година.
Подготвено од А.Ѓ.