https://www.facebook.com/photo.php?fbid=578176546997004&set=pb.100044139924327.-2207520000..&type=3

04.06.2022 Скопје

Во заедничкото соопштение, кое го објави Стејт департментот, стои дека владите на САД и Северна Македонија, на 2 јуни 2022 година во Вашингтон, одржаа Стратегиски дијалог, фокусиран на продлабочување на билатералното партнерство.

Стратегискиот дијалог го предводеа министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, и помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, д-р Карен Донфрид.

Двете држави ја истакнаа својата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, и ја повикаа Русија да ја прекине војната и целосно да се повлече од Украина. Исто така, ја истакнаа и својата поддршка за економската интеграција и просперитет на Западен Балкан и ја потврдија својата посветеност на регионалната интеграција на Западен Балкан преку политички, економски и безбедносни иницијативи.

САД го пофали развојот на областа за обука Криволак во Северна Македонија, за да им служи на сложените обуки на сојузниците и партнерите во НАТО, со што ја истакнаа важноста за унапредување на процесот на пристапување во ЕУ за Северна Македонија и Албанија, што е можно поскоро. Воедно, го подржаа и конструктивното вклучување на Северна Македонија во регионалните иницијативи за стабилност и безбедност, како и намерата на Северна Македонија да стане членка на Иницијативата за три мориња и со нетрпение очекуваат да ја поддржат работата на Северна Македонија, кога таа ќе го преземе претседавањето со ОБСЕ во 2023 година.

Двете земји ја потврдија својата посветеност за зголемување на енергетската диверзификација и независност во поддршка на националната безбедност и на начин што ќе ги спречи најлошите влијанија од климатските промени, како и својата посветеност да ги прошират образовните, културните и професионалните размени, што поттикнуваат меѓусебно разбирање меѓу луѓето од двете земји и ги одразуваат заедничките вредности, аспирации и цели. Исто така, се посветени на промовирање на демократијата, владеењето на правото и човековите права и на регионално и на глобално ниво, и заедничката посветеност за проширување и продлабочување на билатералната економска и комерцијална соработка. Двете земји се подготвени да ги искористат комерцијалните можности, да ги унапредат реформите во деловната клима и да продолжат со идентификување и намалување на бариерите за трговија и инвестиции.

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, истакнал дека отпочнувањето на Стратегискиот дијалог меѓу САД и Северна Македонија претставува значајна пресвртница во севкупните билатерални односи и дека е логичен чекор напред. Османи додаде и дека овој дијалог ќе отвори ново поглавје на соработка, со што ќе се врами севкупната соработка, ќе се стави одредена динамика и предвидливост.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author