09.05.2022 Скопје
Седумдесет и седум години по Втората светска војна, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа не треба да биде само едно ритуално потсетување чии дедовци ги дале животите во таа борба, туку и како нивните наследници се однесуваат кон препознавањето на сите рецидиви на фашизмот во денешно време.
Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа годинава се одбележува во ситуација кога на тлото на Европа има војна. Денес, „Одата на радоста“ звучи поинаку од претходните години и звучи повеќе како ода на тажното и потсетува дека мирот не е освоен еднаш засекогаш. На тлото на Европа моментално има огромен број на уништени домови, огромен број цивилни жртви, околу 5 милиони бегалци, како и внатрешно раселени лица.
Младите за фашизмот најчесто слушаат кога политичарите се повикуваат на антифашистички темели на државата, но не добиваат знаење дека претставува камелеон кој може да се прилагоди во секое време и на сите актуелни моменти, доколку јавната свест подзаспие или општествата бавно реагираат во справувањето со него.
Република Северна Македонија беше на исправната страна на историјата во битката против фашизмот, но за жал тоа не ја прави покомотна денес. Блокадите на Македонија за евроинтеграцискиот пат, кој низ призмата на еден соседски спор и самото барање за „оправање“ на историјата, покажува дека ветото може да биде инструмент да се издадат „антифашистички акции“ во македонските учебници за некој што во големата војна немал таква улога. Антифашизмот претставува посакувана „значка“ на реверот, но како и во минатото, така и денес мора да се заслужи.
Историската и моралната задача на македонското општество е да обезбеди континуитет на антифашистичката борба со дијалог, дипломатија, разбирање и соработка, а не со употреба на конвенционално оружје.
Пред осум децении, војната против фашизмот покажа многу подвизи, со што треба да се разбере дека во мир секогаш има место за уште повеќе и дека успехот на секое демократско и антифашистичко општество е да се реагира навремено на поделбите со битка на различни конструктивни идеи за како да се унапредат безбедноста и стандардот на живот.
Подготвено од А.Ѓ.