16.05.2022 Скопје
Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Жозеп Борел, предупреди дека рокот до кога мора да се надмине спорот меѓу Софија и Скопје и да започнат преговорите на Македонија и на Албанија со Европската унија е до крајот на француското претседателство, во спротивно Брисел ризикува криза во односите со регионот, со што тоа би значело подарок за Русија.
Борел истакна дека на состанокот на министри за надворешни работи на членките на ЕУ се разговарало детално по прашањето на односите меѓу Македонија и Бугарија, кои го блокирале Брисел. Од Советот постои силна волја и политичка посветеност за да се направи пробив и да се избегне кризата.
Борел истакна и дека денес неутралност повеќе не е можна, поради тоа од ЕУ упати јасна порака до земјите партнери дека оние кои ќе одржуваат блиски врски со Путин, немаат ништо заедничко со градење иднина во Европската унија, додека пак на состанокот било константирано дека Албанија, Црна Гора и Македонија се земјите од регионот кои се целосно на линијата со надворешната политика и санкциите на Унијата кон Русија, поради што трпат штета и закани.
Подготвено од А.Ѓ.