15.05.2022 Скопје
Од Здружението на дерматовенеролози на Македонија, денес во Градскиот парк во Скопје, заедно со Клиниката на дерматовенерологија и приватното здравство, организираа бесплатни дерматолошки прегледи под мотото „Да се заштитиме од Сонцето, да спречиме рак на кожа“.
Од Здружението истакнаа дека најмладиот пациент со рак на кожа на Клиниката за дерматологија имал само 11 години и се почесто се дијагностицира и кај помладата популација. Тие додадоа и дека карциномот на кожа, за жал, не боли, а најдобри резултати во негово лечење се постигнуваат при раната фаза на детекција, воедно нагласија дека ракот на кожа во земјава е со растечка инциденца.
Со ова Здружението се приклучи кон активностите на Европската академија на дерматовенеролози и дерматовенеролозите од ЕУ за превенција од ракот на кожа.
Подготвено од А.Ѓ.